Хрватската пејачка Данијела Мартиновиќ, вчера се расплака на концертот во МНТ во Скопје. Понесена од емоциите и енергијата на публиката, таа на крајот заплака и им се заблагодари на сите што ѝ го направиле Денот на љубовта поубав. „Би сакала да сте во моја кожа и да знаете како се чувствувам сега. Ова беше вечер на солзи и насмевки, песна и танци“, рече таа пред да ја испее последната песна.
А концертот го почна со стихови од нејзината втора книга „Неописиво“. „Осмели се, биди свој… Тој што не ја прифаќа твојата различност не е вреден да е покрај тебе“… Публиката ја пречека со силен аплауз и запеа со неа уште од првата песна „Зовем те ја“. „Знаете ли дека сите вие сте љубов моја“ – ја заврши Данијела песната и ја купи публиката на прва. Таа ги раскажуваше нејзините музички приказни, а публиката цело време аплаудураше во ритамот на музиката и пееше со хрватската ѕвезда.
Се забавуваше и Данијела, не криеше дека ѝ е убаво по скоро десет години на концерт во Скопје. Пееше љубовни песни, а имаше од се по нешто – и џез и далматински звуци, и самба и румба во познатите рефрени на нејзините поп-хитови.
„Знаете, бев несфатена, во еден момент, бев напуштена и сама, и сфатив дека во мојот живот вие не сте само број, туку причината зошто го правам ова и зошто живеам. Живеам за вакви вечери. Ви благодарам што постоите“, им рече таа на присутните.
Споделуваше и анегдоти со публиката. Зборуваше за татко ѝ. Со многу емоции се сети на нејзините најдраги луѓе, на неколку живи, но и починати музичари што оставиле белег на нејзината кариера. На Кемал Монтено, на Ѓорѓе Новковиќ, Арсен Дедиќ…
Весело беше на концерот на Данијела. Пејачката на крајот ги соблече и салонките за да скока полесно. И публиката играше, се журкаше на брзите песни, ги пееше баладите. Нека ми не сване, Овако не могу даље, Плеши са мном…, се редат хит по хит.
„Не сакам да заврши оваа волшебна вечер“, рече на крајот Мартиновиќ. а публиката ја испрати со овации.
Таа вечерва ќе одржи уште еден концерт во МНТ. Организатор на концертите на Данијела во Скопје е „Евентум“.
Редакција: Репортер
Фото Д. Перковски