(Галерија) Звукот на доброто време со Бајага во Скопје

„Ноќта траеше кратко, а нам ни требаше најдолгата на светот“…, се стиховите од популарната „Тишина“, која и денес им е една од омилените на генерациите за кои музиката на Бајага е звукот на доброто време.

Вчерашниот концерт на Бајага и неговите „Инструктори“ е уште една музичка приказна за која ќе се раскажува. Неповторливите „Зажмури“, „Од кад тебе волим“, „Године пролазе“, „Руски воз“, „Плави сафир”, „Са друге стране јастука”, „Тамара“… вчера за скопската публика беа „она нешто“ што го има Бајага во песните. На сцената беше и симфонискиот оркестар, па добропознатите поп и рок-песни звучеа поинаку со џез и блуз-аранжмани.

Се забавуваше публиката, ама уживаа и минувачите што застануваа на кејот на Вардар и го гледаа концертот. „Ова ни е прв концерт по паузата поради короната. Пресреќни сме што пееме во Скопје“, ни рекоа пред почетокот. Жика ја воодушеви публиката кога на неговата „Живот је некад сив, некад жут“, се качи на металната конструкција за да ги види сите подобро, зборуваше македонски и не пропушти да каже дека Скопје му е дома.

Публиката и по два и пол часа, како да не сакаше концертот да заврши, па Бајага на бис се врати  два пати. Концертот го организира „Авалон продукција“, а помина според сите пропишани мерки поради коронота и со препорачаната дистанца.

Текс и фото: Редакција „Репортер“

 

Scroll to Top