Српскиот тренер Синиша Михајловиќ стана цел на говор на омраза од италијански фудбалски фанови кои на „Фејсбук“ пишуваа невкусни коментари за неговата болест и прерана смрт. Пред мечот меѓу Болоња и Рома, на фејсбук-страницата осамнаа пораки од типот: „Дали Михајловиќ ќе пристигне на мечот против Рома или повторно ќе оди на зрачење?“; „Зошто Болоња и Спал играа во петокот, дали се плашеа дека Синиша ќе умре до недела, или ќе мора за викенд да оди на хемотерапија?; „Михајловиќ е во групата тренери кои нема да издржат на клупата до крајот на првенството“?; „Гол Ремзи, РИП Синиша“. Станува збор за фејсбук-страница на која има преку 45.000 членови, но откако беа објавени невкусните коментари, страницата веднаш била избришана. Од правниот тим на Болоња велат дека случајот ќе го тераат до крај и дека одговорните ќе се соочат со казни.
Михајловиќ боледува од леукемија и секојдневно добива поддршка од голем број фанови ширум светот. И покрај тешката состојба и препораките на лекарите да мирува, тој секојдневно се појавува на мечевите на Болоња.
Случајот со говор на омраза против Михајловиќ не е прв во италијанското првенство. Во минатото со истиот проблем се соочија и поранешните фудбалери Давиде Астори и Гаетано Ширеа.