Ханка Палдум: Клиничка смрт и две тешки породувања се зад мене, прво бев мајка, а потоа уметник

Босанската пејачка, која важи за една од најголемите изведувачки на севдалинките, Ханка Палдум, својот прв афинитет кон музиката го покажа во градот Чајниче, каде што е и родена на 28 април 1956 година. Нејзините родители Мујо и Пемба Палдум, претходно го добија синот Мустафа, а по раѓањето на Ханка, се роди брат ѝ Смаил и сестрите Раза и Расема. Во една пригода  таа раскажа за нејзината младост.

„Како што минуваат годините, сè потешко ми е да се сетам на настаните што ми се случиле пред три дена, додека моите сеќавања од детството се сè поживи секој ден. Никогаш нема да го заборавам првиот училишен ден и безгрижноста што ја чувствував, не знаејќи какви обврски ме чекаат. Пораснав во строго патријархално семејство во кое за женските деца важеа посебни и построги правила и затоа со нетрпение чекав да одам на училиште бидејќи тоа беше можност да запознаам некои нови луѓе. Нашиот прв сосед кој во нашата куќа живееше како кираџија, Албанецот Хилми Јунику, прв ги забележа моите гласовни способности. Обожаваше да ме слуша како пеам, па често знаеше да ги замолчи и смири другите деца за да можам да се изразам. Велеше дека додека сум пеела, имал чувство дека слуша радио“, рече Ханка.

„Пред да заминам во средно училиште, по желба на моите родители, се преселивме во Сараево. Иако беше многу тажен период за мене, сепак успеав за брзо да се навикнам на новата средина“, додаде таа.

Таа се присети на нејзините музички почетоци и брат ѝ Смаил, кој многу ѝ помогнал нејзиниот сон да стане реалност

„Еден ден, мојот сега починат брат, реши да ме одведе во културно-уметничкото друштво ‘Будуќност’, верувајќи дека таму одлично би се вклопила. Но бидејќи моите родители беа многу строги и знаев дека нема ми дозволат да одам на аудиција, тој ми помогна да излезам низ прозорецот и пеш да заминам на местото каде што се собираа останатите членови од друштвото. Кога ме слушна како пејам директорот на друштвото, Марјан Равлиќ, веднаш посака да станам нивен член. Иако на почетокот татко ми се противеше, сепак успеа да го убеди, а мојот постар брат Мустафа се согласи да ме придружува на моите патувања, па почнав да пејам и глумам во тоа друштво. Мојата енергија и истрајност, како и желбата да се занимавам со музика, придонесоа за мојот одличен настап“, откри пејачката.

Ханка уште во младоста се соочила со првата огромна трагедија во животот, кога го изгубила татко ѝ, на самиот почеток на нејзините настапи.

„Бевме семејство каде секогаш бевме еден за друг. Кога умре татко ми, мојот најстариот брат го презеде управувањето со домаќинството, целата одговорност и грижа за семејството. Мајка ни уште како деца нè научи дека како браќа и сестри мораме секогаш да бидеме еден за друг. Знаеше да нè опцуе кога ќе забележеше дека се расправаме и дека меѓусебе не разговараме. Кога созреавме ја сфативме вистинската братска и сестринска љубов и среќа, па оттогаш сме неразделни и си претставуваме огромна поддршка еден на друг.“

Ханка важеше за една од најубавите девојки во Сараево, поради што постојано беше мета на додворувачи додека одеше во средно училиште.

Мојот прв дечко беше всушност мојот сопруг, со кој на почетокот само се дружев. Мајка ми не ми дозволуваше да останам долго надвор, па се гледавме на пат од училиште. Мурадиф беше студент по литература кога се запознавме, а јас сè уште бев средношколка. На почетокот беше многу љубезен и имаше прекрасни манири. После училиште често одевме заедно на кафе и лимонада, ми требаше подолго време да се заљубам во него“, раскажа Ханка.

Тие се венчаа во 1976 година во Дувно, местото каде што порасна Мурадиф. По венчавката, ја основаа издавачката куќа „Сараево диск“, која стои зад некои од нејзините најголеми хитови.

„По дипломирањето и отслужувањето војска, мојот сопруг реши да основа издавачка куќа со помош на пријателите, браќата Џирло. На некој начин ги комбиниравме рокенролот и народните мелодии за да направиме вистински пресврт во народната музика. Имав среќа што уште на самиот почеток од мојата кариера, публиката ги сакаше песните што ги изведував, а меѓу нив беше песната ‘Вољела сам, вољела’. По одличната соработка со Милиќ Вукашиновиќ, кој компонираше за мене, постигнав огромен успех и освоив нови простори. Сè се случи нагло, па дури во една пригода по грешка ме напишаа како Ханко на плакатите кои го најавуваа мојот концерт во Ниш“.

Неколку години по нејзината огромната популарност, во 1981 година ја роди ќерката Минела, а пет години подоцна и синот Мирза.

„Имав многу тешки пораѓања, и за време на двете доживеав клиничка смрт поради здравствени компликации. Породувањето со Мирза беше уште потешко бидејќи сум била мртва неколку минути, за што не сакам ни да се сетам. Мајчинството го доживеав како природна секвенца на нештата во мојот животот и секогаш се сметав себеси првенствено за жена и мајка, па дури потоа за уметник“, рече Ханка.

Сепак, иако нејзиниот сопруг ѝ беше десна рака во кариерата, тие решија да се разведат по 13 години  брак. По тоа, таа се посвети на работата и се заљуби во белградскиот фудбалски тренер Миладин Живадиновиќ, кој ја придружуваше на концерти. На патувањето во Кувајт тој ја побарал за сопруга, но таа наводно одбила да се омажи за него, па тоа била причината за нивната разделба.

Во 2015 година нејзиниот син Мирза имаше сообраќајна несреќа, по што заврши во затвор и беше осуден на двегодишна казна.

„Мене ми е тешко како и на секоја мајка, но таа емоција ја чувам за себе. Многу луѓе ја злоупотребуваат мојата несреќа, но јас не се навраќам на такво нешто. Мојот син е добро, од една страна. Но, сепак тој е во затвор“, рече еднаш Ханка.

Scroll to Top