Холивудските ѕвезди Вилијам Болдвин и Мајкл Медсен ќе глумат во „Јужен ветер“, екипата ја убедува и Моника Белучи

Режисерот Милош Аврамовиќ, откри дека американските актери Вилијам Болдвин и Мајкл Медсен ќе глумат во втората сезона на серијата „Јужен ветер“ што ќе се снима догодина. Тој вели и дека се во преговори со италијанската ѕвезда Моника Белучи, и дека наскоро ќе знаа дали и таа ќе биде дел од екипата.

„Многу ми е драго што Вилијам Болдвин и Мајкл Медсен ќе бидат дел од серијата ‘Јужен ветер’. Првпат по долги години толку големи и признати холивудски ѕвезди ќе учествуваат во некој српски проект. Соработката со нив е првиот чекор кон тоа да ни биде сосема нормално во иднина светските ѕвезди да се појавуваат во нашите серии и филмови“, рекол Аврамовиќ за српските медиуми.

Тој додал дека преговорите со Белучи се во завршна фаза.

„Долго преговараме со Моника и би било одлично и таа да биде дел од тимот. Има многу фактори кои ќе треба да се усогласат, како што е времето на снимање и нејзините обврски. Планирано е да има неколку денови на снимање во Италија и неколку во Србија“, рекол тој.

Болдвин и Медсен во серијата ќе глумат американски агенти.

„Тие во серијата ќе ги штитат интересите на американската администрација, не само во Србија туку и на Балканот. Планирано е двајцата глумци да дојдат во Србија на пролет или на почетокот на летото и сите сцени да ги снимат овде, најмногу во Белград. Вилијам и Мајкл се добри пријатели и приватно, двајцата се фантастични и за мене е голема чест што се дел од нашиот тим“ вели Аврамовиќ во интервјуто.

Медсен се прослави со улогите во филмовите на Тарантино, глумеше во „Касапски кучиња“, „Убиј го Бил“ и други, а Вилијам Болдвин е најпознат по улогата во еротскиот трилер „Сливер“ со Шерон Стоун.

Милош Биковиќ, кој во „Јужен ветер“ го игра главниот лик Петар Мараш, откри дека во тимот ќе дојдат и глумци од Русија.

„Во втората сезона од серијата ќе се појават и руски ѕвезди. Наскоро ќе дознаеме кои актери ќе учествуваат во овој проект и ќе го направиме уште подобар и поголем“, рекол Биковиќ.

Scroll to Top