Хоура Бенд е новото име на „Прљаво казалиште“ откако судот им забрани да го користат оригиналното со кое се прославија на музичката сцена

Јасенко Хоура и Младен Бодалец отсега ќе настапуваат под името Хоура Бенд. Ова го откри најавата за фестивалот Фјужн во Сплит, каде требаше да настапат како Прљаво казалиште. На официјалната веб-страница на фестивалот групата е најавена како Хоура Бенд, а во соопштението се споменува биографијата на „Прљаво казалиште“.

Потсетуваме дека на почетокот на јули беше донесена привремена судска мерка со која на Хоура и Бодалец им се забрани да го користат името Прљаво казалиште, со кое се прославија на музичката сцена и кое го користеа 45 години. 

„Можам да потврдам дека на 1 јули 2022 година, Стопанскиот суд во Загреб донесе одлука со која определува привремена мерка со која им се наложува на Хоура и Бодалец да престанат со дејствијата што ги повредуваат регистрираните трговски марки на Филеш, односно да престанат да даваат услуги што се однесуваат на културни активности под името Прљаво казалиште или други слични имиња, како и откажување на сите договорени активности и понатамошни активности под заштитени трговски марки или имиња“, изјави претходно адвокатката на Тихомир Филеша, Кристина Делфин Канчељак.

 

Scroll to Top