Јосипа Лисац во Скопје: Тука го запознав Карло, љубовта на мојот живот

По пет години хрватската музичка ѕвезда Јосипа Лисац повторно доаѓа во Скопје. Таа на својата официјална страница го најави концертот кој ќе се одржи на 3. ноември , како дел од нејзината турнеја по повод 50 години од издавање на албумот ,,Дневникот на една љубов”.

Култниот албум ,,Дневникот на една љубов” е издаден во 1973 година и во него е овековечена нејзината љубов со композиторот Карло Метикош. Нивната љубовната приказна почнала во 1971 година, кога таа имала 21, а  Карло 31 година. Освен животен партнер, тој беше и нејзин музички соработник. Пред да ја почнат врската, се сретнале во Скопје, на заеднички настап, но тогаш Карло бил во врска со Габриела, жена од Етиопија. За таа средба Јосипа рекла дека  тој воопшто не и посветил внимание.

„Се сеќавам дека во Скопје тој свиреше на клавир, јас му пријдов и му кажав дека прекрасно свири. Не ме ни примети! Подоцна, кога нашите домаќини од Скопје организираа вечера, сите седевме на големата маса, имаше и пејачи и политичари, актери, но Карло мене не ме ни забележуваше. Дури по по една година ја почнавме врската, кога ми откри дека го запамтил секој детал од таа прва средба во Скопје. Од тоа каков фустан носев, што му реков, до кого седев на масата, па дури и за актерот кој таа вечер ми се додворуваше“, открива Јоспиа за својата средба со  Карло.

По дваесет години поминати заедно, Карло во 1991 година почина ненадејно на 52. години . Во негова чест, Лисац секоја година одржуваше концерт на датумот на неговото заминување, и често го спомнува на социјалните мрежи. Родена во  Загреб, Лисац и на 73 години се уште настапува со ист елан како во младите години и распродава концерти низ екс ЈУ републиките .

Scroll to Top