Eден од најпознатите изведувачи на севдах музиката на овие простори Божо Вреќо на 23 февруари ќе одржи концерт во Македонската опера и балет. Ова е прв концерт во Скопје на „принцот на севдахот“, како што го нарекуваат светските медиуми. Со специфичен изглед во стилот на дервишите кога е на сцена, пејачот најави дека со нетрпение чека да запее пред македонската публика и да ја сподели емоцијата што ја пренесува преку музиката.
„Кога еднаш ќе признаеме дека во секој од се крие и маж и жена, ќе сфатите зошто носам фустан на сцена. Јас не велам дека ова ќе биде најдобриот концерт на кој сте дошле, но секако ќе биде поразличен од сè што сте доживеале претходно“, рече тој на прес-конференцијата што ја одржа денес. Најави и дека на концертот ќе настапат неколку негови пријатели, меѓу кои и „Љубојна“.
„Никогаш до сега немало изведувач како мене, да создава севдах, а притоа да не мисли прво на тоа што ќе речат соседите. Донесов одлука да бидам и маж и жена на сцената и надвор од неа, да танцувам. Кога бев дете мајка ми купи фустан за мене и за моите три сестри. Тоа беше начин да покаже дека го прифаќа своето дете такво какво што е“, раскажа тој.
Вреќо постојано има концерти низ Европа, а најави дека наскоро ќе оди на турнеја во Америка и во Австралија.
„Решив севдалинката да ја одвојам од статичното пеење. Не е точно дека севдалинката настанала во кафеаните, тие се стара духовна музика. А јас тие авторски севдалинки ги пеам на овој начин. Знаете, добрата севдалинка не треба да боли, туку да ве разлее, да ве разголи, да ви ја ослободи душата, да ја исплачете тагата, да излезете од оклопот и да ги раширите крилјата“, рече Вреќо.
На концертот, Вреќо ќе пее песни од неговите четири албуми. Најави и дека во април ќе промовира нов албум, на кој ќе му гостуваат и неколку македонски музичари. Организатор на концертот е „Авалон продукција“.
Редакција Репортер