Крунослав Кичо Слабинац се бори за живот, легендарниот пејач е во кома

Пејачот Крунослав Кичо Слабинац се наоѓа во индуцирана кома и неговиот живот е во опасност, јавуваат хрватските медиуми. Слабинац имал рутинска операција, но работите се искомплицирале. После првата следувале уште две операции. Последните денови тој е на одделението за интензивна нега на Универзитетскиот болнички центар Загреб.

„Сите очекувавме дека за неколку дена ќе излезе и дека сè ќе биде добро, а потоа дознав од моите пријатели, од Иван, неговиот син, дека ситуацијата не е како што треба. Денес дознав дека е на респиратор. Сега зошто, не знам. Му праќам пораки секој ден, но гледам дека тој не ги отвора“, рекол за РТЛ Душко Локин, неговиот менаџер и долгогодишен пријател.

Крунослав Кичо Слабинац неодамна прослави 50 години соло кариера. Тој пееше сè, од рок до народна музика. За него се вели дека е најголемиот шоумен на својата генерација, а неговите пријатели се надеваат дека заради неговиот весел и оптимистички дух, ќе ја победи болеста.

„Кико е голем оптимист. Само неговите најблиски пријатели го знаат тоа, и мислам дека тој повторно ќе излезе победнички од сето ова. Затоа што по мозочниот удар, ова би било фантастично“, додал Локин.

Scroll to Top