Културниот центар во Панчево ќе се преименува во „Небојша Глоговац“

Одлуката за промена на име на институција мора да биде потврдена од страна на политичарите и локалниот парламент, нешто што се очекува во наредните денови. Културниот центар на Панчево засега го нема променето името во Центар за култура „Небојша Глоговац“.

Медиумите пренесуваат дека на институцијата сè уште стои старата табла.

Народот едногласен

Културниот центар, како што пренесуваат тамошните вработени, ќе го добие новото име по гласањето на политичарите во локалниот парламент. Седницата на градското собрание е закажана за утре, кога оваа иницијатива би требало да се најде на дневен ред.

„Народот е за оваа одлука, а очекуваме политичарите да ја донесат едногласно. Глоговац израсна во Панчево и тука ги играше првите претстави“, вели еден од посетителите на Културниот центар.

Уредниците во Културниот центар во Панчево веќе се подготвуваат за вечерта посветена на Глоговац. Големата изложба и пригодната програма ќе бидат одржани на 11 април во знак на трајните сеќавања на неповторливиот бард на српското глумиште, а на свеченоста ќе присуствуваат и неговите најблиски.

Првите чекори

Небојша Глоговац најголемиот дел од своето детство го минал во Панчево. Тука ги завршил основното и средното училиште, додека неговиот татко Милован бил свештеник во Успенската црква. Затоа многумина од Панчево го паметат и сметаат за свој сограѓанин. Тој ги стекнал првите актерски искуства во Ателјето на младите пред да замине меѓу професионалците. Да се запише на актерство го наговорил покојниот Миленко Заблачански. Во текот на својата филмска и театарска кариера Небојша оживеал и бројни карактери и ликови од најразлични спектри, од кои повеќето веќе се сметаат за антологиски.

 

 

 

 

Scroll to Top