Легендарниот фронтмен на „Дисциплина кичме“ зборуваше за прв пат откако доживеа мозочен удар пред пет години

Голем број љубители на екс ју рок и њу вејв беа воодушевени од аудио снимката која беше објавена пред неколку дена на Инстаграм страната на контакт конференцијата што минатиот викенд се одржа во Белград.

На него може да се слушне гласовна порака за поддршка што до организаторите на конференцијата ја испрати Душан Којиќ-Која, основачот на легендарниот бенд „Дисциплина кичме“.

Тоа беше првпат Којиќ да проговори откако доживеа тежок мозочен удар во Лондон во 2019 година и откако во последните години можеа да се слушнат различни, воопшто не добри, верзии за неговата здравствена состојба, пренесува „Нови лист“.

„Драги мои, еве го вашиот вујко Која. Сакам да му кажам големо здраво на мојот пријател Предраг Пеџа Ивановиќ и неговата компанија и да кажам дека ги поддржувам сите акции што тој секогаш ги презема за ширење на културата на рокенролот, регионални и локални. Така и јас ја поддржувам акцијата на контакт конференцијата, која веќе се одржува неколку пати. Сега веќе е традиционално, па ги поздравувам сите негови потези. Имавме соработка и ќе имаме соработка. Ви благодарам многу“, рече Која и ги воодушеви фановите.

Scroll to Top