„Леле, од сите песни, Оливер се фати за најлошата“ – приказната за хитот „Цесарица“

На денешен ден пред две години почина Оливер Драгоевиќ, еден од најпопуларните хрватски пејачи и автори. Песни, албуми, хитови….

Меѓу неговите најпопуларни песни е и хитот „Цесарица“ зад која се крие интересна приказна, откриена во биографската книга „Сплитски деца – од ѕитчето до вечноста“, зад која се потпишува новинарот и музички критичар Златко Гал.

„Цесарица“ беше пресврт и на сè што дотогаш правев. Таа даде посебен шмек на сè. По таа песна, почнаа да ме слушаат и млади, едноставно ме откри една сосема нова публика. „Цесарица“ направи од нафталин да ми извадат и стари снимки, па младите, кои никогаш дотогаш не ме слушале, да се свртат кон класиците „Папе“, „Галеб“… Така, направив да станат свесни дека и јас постојам, но дека сум постоел и пред новите песни. Очигледно ги откриле бидејќи, кога и да настапував во дискотеки, тие беа полни со нова публика, која ги знаеше сите мои стари песни на памет“, изјавил Оливер во една пригода, а воедно е еден извадок од споменатата книга.

Инаку, автор на музиката и текстот на песната е Џибони. Во биографијата и тој раскажува како ја создал песната.

„Зденко Рунјиќ го запознав претходно на Сплитскиот фестивал во 1990 година, а кога слушнав дека го организира фестивалот ‘Мелодии на хрватскиот Јадран’, му понудив две песни што ги имав напишано. Едната беше ‘Цесарица’, а втората ‘Добри људи. Зденко ме праша која ми е подрага, која би ја пеел сам, а јас без размислување одговорив: ‘Добри људи’. За мене, стопати е подобра од другата“. Зденко се согласи да ја пеам таа, а за „Цесарица“ ми рече дека му изгледа дека би можела да му се допадне на Оливер. Се надевав дека ќе биде така… Утредента отидов кај Оливер дома, тој ја слушна песната и му се допадна, а јас со пенкало на парче хартија го испишав текстот. Го оставив на клавирот, а ние двајца седнавме во дневната соба, муабетевме и пиевме вино… Не ни забележавме дека неговото куче Луда за тоа време веќе ја има изџвакано хартијата со текстот на песната. Едвај повторно ја напишав, по сеќавање!,“ вели Џибони.

И снимањето на песната било поинакво од другите снимања на Оливер, кои најчесто биле направени во еден здив.

„Оливер отиде во студио да ја сними ‘Цесарица’, но пред тоа го праша Џибони како сака да ја отпее бидејќи, како, што му рече, ‘песната е супер, но малку чудна’. Џибони, пак, му рече да ја отпее по свое, како што тој умее. Оливер сними неколку верзии и на крајот и двајцата беа задоволни. Дома дојде со снимката и ние неколку дена ја слушавме бидејќи ни беше прекрасна. Но, на другите не им се допадна многу на прво слушање. Се сеќавам дека неколку дена пред фестивалот на гости ни дојде и мајка ми. Кога ја слушна ‘Цесарица’, во доверба и скришно, да не ја чуе Оливер, ми рече: ‘Леле, Весна, од сите песни, Оливер за фестивал ја izбрал најлошата’. Мислам дека многумина не можеа веднаш да ја сфатат песната, но кога тргна некаде по летото, само таа се слушаше насекаде“, изјавила во една пригода сопругата на пејачот, Весна.

Инаку, Оливер ја снимил „Цесарица“ за два часа. Тоа било вистинско чудо бидејќи, само за споредба, целиот албум „Тешко ми је путовати“ го снимил за четири часа.

Ова била голема чест за Џибони и му импонирало како на автор бидејќи од прва знaел дека на Оливер му е важна песната и дека ја доживува поинаку.

За песната е снимен и спот во 1993 година, а во него се појавува тогаш многу младата, 16-годишната Ања Јеласка. Таа денеска има 42 години и е директорка на Центарот за аутизам во Сплит.

„Приказната е едноставна. Покојниот Оливер беше семеен пријател со моите родители, односно мојот покоен очув, кој во тоа време беше службен снимател на ‘Хајдук’, но снимаше и музички спотови за Оливер, Џибони, Дорис Драгоевиќ… Во нашата куќа често доаѓаа познати личности од естрадата, а во една пригода Љубо Стипшиќ, кој беше голем семеен пријател, дојде кај нас со Оливер. Разговараа за тоа како ќе снимаат спот за ‘Цесарица’, а спотот се снимаше пред настапот на ‘Мелодии на хрватскиот Јадран’. Во тој разговор се прашувaвме кој ќе ја глуми ‘цесарица’. Им требаше некоја млада девојка. Во тој момент јас влегов во собата и Оливер веднаш рече: ‘Еве, нашата малечка ќе биде цесарица’“, раскажа Ања во една пригода за „Слободна Далмација“.

Scroll to Top