Ми се мати видот, губам меморија: Николина Пишек и четири месеци по труењето со гас чувствува последици

Хрватската водителка Николина Пишек, која пред четири месеци заедно со нејзината ќерка Уна се затруа со јаглерод моноксид во семејниот дом во Загреб, вели дека сè уште ги чувствува последиците од труењето. Ни таа ни Уна не се во најдобра здравствена состојба, а водителката се плаши дека работите може да се влошат.

„Ми се мати видот, имам краткотрајни нарушувања на меморијата, чудни состојби. Сè уште постои опасност од белодробна емболија, поради што еднаш завршив во Ургентниот центар, а последиците може да се чувствуваат и до една година, како да сум имала мозочен удар“, рекла Николина во интервју за „Јутарњи.хр“ и открила дека на нејзината ќерка ѝ биле дијагностицирани промени во мозокот.

Во интервјуто за „Јутарњи“, Николина рекла и дека ќе мора да оди во хипербарична комора на лекување, процес каде се вдишува 100 процентен чист медицински кислород, што може да го обнови организмот.

„Ми рекоа дека белите дробови сега личат на постари од моите години, иако сум непушач и спортувам. Тоа е рендген-извештај од брзата помош. Губам здив и дишам плитко. Мора да го проверувам и срцето затоа што имав промени во наодите. Имам тахикардија. Јаглерод моноксидот е гас кој се врзува во крвта наместо кислород и се дистрибуира до виталните органи. Белите дробови и срцето први страдаат. Бев многу отруена. Тој јаглерод моноксид брзо излегува од крвта, но остава трајно оштетување на органите“, додала водителката.

Поради сè што им се случило, Николина вели дека сè уште живеат во страв и дека бараат нов дом, оти не сакаат да се вратат во стариот кој им буди лоши спомени. За потсетување, Николина и Уна во февруари се затруа со јаглерод моноксид. Тие гледале филм кога Николина се слушнала по телефон со нејзиниот сопруг, кој во тоа време бил во Белград, и му кажала дека на Уна не ѝ е добро, а дека и на неа ѝ се лоши. По разговорот со сопругот, Николина се онесвестила. Неа и Уна биле пронајдени од семејни пријатели, кои викнале пожарникари и полиција, па тие ја обиле вратата на станот и ги спасиле.

 

Scroll to Top