Милица е построга од мене: премиерката на Србија откри како со партнерката го воспитуваат синот

Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, во емисијата на Огнен Амиџиќ, „Амиџи шоу“, откри детали од својот приватен живот. Таа зборуваше за својата партнерка Милица Ѓурѓиќ и за синот Игор. Таа откри како го воспитуваат синот и рече дека не била строг родител.

„Секогаш ги гледаме омилените цртани, но не му дозволуваме да гледа преку ден, само навечер“, рече Брнабиќ и објасни дека иако Милица е таа што го има последниот збор, сепак и таа не е толку строга кон Игор.

„Тој е најголемата радост што ни се има случено во животот“, рече премиерката и додаде дека Игор е многу талентирано дете.

„Еднаш кога ме праша: „Како ја замени трубата со хорна?“, останав без зборови. Неверојатно е како ги знае сите инструменти. Сака класична музика, а има само три години. Неверојатно е колку е паметен“, рече Ана.

Таа зборуваше и за Милица, која работи како лекар. За неа вели дека ѝ дава голема поддршка не само во приватниот живот туку и во работата. Таа е нејзиниот најголем критичар.

„Многу е искрена и директна и тоа прави да останам со двете нозе на земјата. Понекогаш ѝ недостига нашиот поранешен живот. Таа поднесе голема жртва кога јас влегов во политиката и сум ѝ неизмерно благодарна за тоа. Изгубивме голем дел од нашата приватност“, рече Брнабиќ.

„Мојата работа бара многу внимание и посветеност во секој момент. Кога ќе си легнам, ако надвор врне, размислувам дали некаде има поплави. Кога нема снег, во време кога обично треба да има, му се јавувам на министерот Недимовиќ за да го прашам како ќе се одрази тоа на нашето земјоделство. А кога имам слободно време, тука е претседателот што работи. Еднаш ми се јави во седум и пол наутро, на 1 мај, за да ме праша зошто увезуваме малини кога нашите се подобри и дали сме ги добиле податоците за раст во април. Тоа малку слободно време што ќе го најдам го минувам со семејството и пријателите“, рече Брнабиќ во едно од своите интервјуа.

Таа откри и во какви односи е со брат ѝ и со мајка ѝ и покажа и приватни фотографии од детството.

„Со брат ми имам одличен однос, навистина. Разликата меѓу нас е 15 месеци, секогаш сме биле блиски“, рече таа.

Брнабиќ откри дека како средношколец учела во Петтата белградска гимназија и дека тоа бил најубавиот период од нејзиниот живот.

„Имав одлично друштво иако беше од подобрите средни училишта и бараше многу посветеност, труд и учење. Тренирав пливање. Бев диво дете и после средното, правев многу глупости. Во главата ми беа само излегувањата и ноќниот живот. Тоа беше убав период во мојот живот. Убаво си поминувавме на ‘Геозавод’, а правевме забави и во пештерите на Тасмајдан. Моите родители во еден момент кренаа раце од мене и ми рекоа деа кога не може да ме смират, подобро е да ме пратат во странство. Во Србија повторно се вратив во 2002 година. Отсекогаш знаев дека ќе се вратам затоа што нема поубаво место од Србија. Ова е мојот дом“, рече Брнабиќ.

За потсетување, Брнабиќ во 2017 година стана првата жена премиер на Србија.

Scroll to Top