Мирно море наш галебе, пријателите се простуваат од Оливер

Веста за смртта на музичка ѕвезда Оливер Драгојевиќ хрватската јавност ја дочека со неверување. Од „стариот морски волк“ преку социјалните мрежи се простија многу негови пријатели, музичари, спортисти, дури и политичари. Тие оставија емотивни пораки за еден од омилените пејачи на овие простори.

Пејачот Тони Цетински му порача да го поздрави Тоше.

„Ништо повеќе нема да биде исто по твоето заминување драги наш Оливер. Сите твои шеги и глупости на кои се смеевме како деца се моменти кои никогаш нема да ги заборавам. Морам да ти признаам дека те сакав како да си ми татко, а по душа понекогаш ми беше и како помлад брат. Од тебе најмногу учев бидејќи и од тебе најмногу добивав. Ти им даваше на луѓето и пријателите и не се штедеше во тоа. Во тие дела лежи уште една од тајните на твоето постоење и работа. Те сакам и секогаш ќе те сакам. PS: Те молам само уште за едно. Бакни ми го Тоше и запејте една за сите времиња“ напиша Цетински на социјалните мрежи.

Меѓу првите од Оливер се прости и пејачката Франка Балетиќ, годинашната претставничка на Хрватска на „Евровизија“, а од неодамна сопруга на фудбалерот Ведран Чорлука.

„Веќе ништо нема да е исто. Фала за секоја нота, за секој збор. Нека ве следи мирно море, капетану“, напиша таа.

„Мил Оливер, не беше само голем пејач, ти беше наш животен саундтрек, симбол на младоста, на растењето, на зрелоста. Мирен лет наш галебе“, стои во пораката на Лука Нижетиќ.

И Данијела Мартиновиќ му испрати порака: „Заради тебе секогаш ќе верувам во љубов“.

И Северина испрати емотивна порака на социјалните мрежи за смртта на музичката легенда.

„Ова е тешко, ова нема смисла, ова е претешко. На неговите песни ги учев првите зборови. Не сакам да верувам. Тој е во мојата ДНК, и во твојата, и во твојата и во сите нас. Фала ти, папе. Те сакам, Прости ми, папе… сите плачеме,“ напиша таа.

„Адио мештаре“, напиша Горан Каран и сподели видео од песната Tu non llores mi querida што ја отеаја заедно.

„Има вести во кои не сакаш да поверуваш“, стои во објавата на политичарката Јадранка Косор на „Твитер“.

Пејачката Вана напиша: „Колкава среќа имавме што неговиот глас ни пееше. Колкава среќа имав јас што можев да му го кажам тоа. Колкава тага што веќе го нема.“

Со песни од Оливер се простија и Нина Бадриќ, Масимо Савиќ, Петар Грашо, Мери Цетиниќ и многу други.

Scroll to Top