Композиторот и текстописец Мирослав Рус ќе ја добие специјалната награда за промоција на музиката на Балканот на годинашниот „Охрид фест“. Наградата Рус ја добива како еден од најплодните автори од Хрватска, чии песни ги пееле Здравко Чолиќ, Жељко Бебек, Мишо Ковач, Нина Бадриќ, Црвена јабука, Калиопи, Тоше Проески. Познатиот музичар е автор и на албумот „Игри без граници“, последниот што го сними Тоше.
„Оваа награда ми дава сила да истраам по немирниот пат на создавањето, ама и ми буди многу сеќавања за земјата од која доаѓаат луѓе кои оставија длабока трага во мојот живот. Самиот Балкан политички спојувал и раздвојувал, но музиката секогаш само нè спојувала“, вели Рус.
Тој додава дека е нераскинливо поврзан со Македонија, со музичари, но и со политичари и со обичните луѓе, па секогаш со задоволство доаѓа во земјата.
„Ја познавам и вашата традиционална музика на која ѝ нема рамна на Балканот, кујната ја обожавам, а ја вкусив и срдечноста што ве краси. Сепак, мојата прва асоцијација беше и остана Тоше Проески“, вели композиторот.
Годинашниот „Охрид фест“ ќе се одржи на 10 и 11 септември на сцената на Долни Сарај во Охрид, а ќе има две вечери, фолк и интернационална.