„Музичка солидарност“: Рамбо Амадеус го откажа концертот во Хрватска по проблемот со Бајага

Рамбо Амадеус го откажа својот настап на фестивалот во Солин, Хрватска. Се чини дека причината е солидарност со колегата Момчило Бајагиќ Бајаг, чиј концерт на истиот фестивал беше откажан, пишува „Б92“.

„Известување до сите фанови – со оглед на тоа што не се исполнети сите услови за настап, ние само што го откажавме концертот на фестивалот во Солин. Се надеваме дека условите за свирката ќе бидат исполнети во иднина“, напиша Рамбо на својот официјален профил на Фејсбук.

Рамбо требаше да настапи на 23 август, денот по планираниот концерт на Бајага и Инструктори. Организаторите на фестивалот „Кава Фест“, кој се одржува во рамките на Солинското културно лето, не ги објавија причините за откажувањето на Рамбо, но некои се сомневаат дека подлегнале на притисок.

Организаторите претходно објавија дека концертот на Бајага, закажан за 22 август 2025 година, е откажан „поради безбедносни и технички причини“.

Сепак, далматинскиот портал објави дека причините се од поинаква природа – наводно организаторите со недели биле под притисок од одредени здруженија и групи кои сè уште го сметаат Бајага за политички непожелна личност, и покрај фактот дека тој со години настапувал низ цела Хрватска – од Пула до Дубровник. На крајот, наводно, овие притисоци довеле до откажување на концертот.

Менаџерот на Бајага вчера по откажувањето на концертот откри дека токму Рамбо Амадеус го повикал Бајага и рекол дека нема причина да настапува откако концертот на Бајага бил откажан.

 

Scroll to Top