Музичките ѕвезди од регионот заедно на МАС во Белград

Љубителите на музиката од целиот регион ќе имаат можност да гласаат за своите омилени песни и изведувачи, а со тоа да ги зголемат шансите на своите идоли да станат први добитници на регионалните музички признанија MAC (Мјузик авардс церемони).

Признанијата на најдобрите изведувачи од Македонија, Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина и од Црна Гора ќе бидат доделени на 29 јануари следната година, на спектакуларната манифестација во „Штарк-арената“ во Белград, на која ќе учествуваат повеќе од 60 познати личности од регионот.

Најголемите музички ѕвезди од нашите простори веќе ги следат MAC, а Горан Бреговиќ со фотографија ги повика љубителите на добрата музика и одличната забава да го проследат настанот.

Воодушевувањето од идејата за прво доделување музички награди стигнува од уште една голема регионална музичка ѕвезда.

„Регионот долго чекаше настан каков што е MAC. Музиката ги спојува луѓето и сигурен сум дека овој пат ќе нè спои на најдобар можен начин. Се гледаме на 29 јануари“, кажа Тони Цетински.

Од Македонија прв се огласи Владимир Блажев ака Панчо од групата „ДНК“, кој исто така најави дека ќе учествува на изборот.

Првиот, иницијален избор на песни и изведувачи за признанијата MAC ќе го направат 220 радиостаници од Македонија, Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина и од Црна Гора, раководејќи се од свои релевантни параметри на слушаност и популарност на песните и изведувачите. На тој начин веќе ќе се уважат мислењата на слушателите, но публиката ќе има и дополнителна можност да гласа за своите фаворити, што, исто така, ќе се земе предвид во конечните одлуки за победниците на категориите.

MAC ќе биде врвот на досегашната работа на продукциската куќа „Скај мјузик“, која зад себе има дводецениско искуство во техничката продукција на најголемите регионални музички настани.

Манифестацијата директно ќе ја пренесуваат телевизии со национална фреквенција од регионот, а најновите информации за MAC можете да ги следите преку страницата www.musicawardsceremony.com, како и на официјалниот Фејсбук www.facebook.com/music.awards.ceremony.

Scroll to Top