На Чедомир Јовановиќ му е откриен тумор на ‘рбетниот мозок, пишуваат српските медиуми

Во текот на денешниот ден пристигнуваат спротивставени информации за здравствената состојба на лидерот на српската ЛДП, Чедомир Јовановиќ.

Јовановиќ веќе шест дена е во болницата „Драгиша Мисовиќ“, каде се пријавил поради силна болка во градите и стомакот. Како што беше кажано претходно денес, Јовановиќ имал болка предизвикана од плеуритис – воспаление на белодробното ткиво, како и дека добро реагирал на терапијата и дека се наоѓа во стабилна состојба што не е опасна по живот.

Сепак, вечерва се појавија нови информации, според кои на Јовановиќ му бил дијагностициран тумор, за кој се верува дека е бениген. Наводно, туморот бил пронајден на ‘рбетниот мозок.

Според овие извори, наодите на стручниот совет укажуваат дека туморот е бениген и ќе може да се отстрани со операција, но потребни се дополнителни тестови за да се постави конечна дијагноза.

Јовановиќ беше хоспитализиран и во јули минатата година, но тогаш поради коронавирус и тешката клиничка слика. Поради отежнато дишење и општа слабост, политичарот беше поврзан на кислородна поддршка неколку дена, а по напуштањето на болницата, тој самиот рече дека „кислородот му ја спасил главата“.

 

Scroll to Top