„На ќерките им кажавме дека се посвоени“, Сергеј Ќетковиќ проговори за татковството

Црногорскиот пејач Сергеј Ќетковиќ и неговата сопруга Кристина пред неколку години ги посвоија ќерките Лола и Мила. Иако пејачот ретко зборува за својот приватен живот, во интервју тој раскажа за девојчињата, за тоа како се снаоѓа како татко и откри дека на децата уште одамна им кажале дека се посвоени.

„Луѓето малку се срамат да зборуваат за посвојувањето, а не треба. Родител не е само некој што родил дете, туку треба да му даде и сигурност, поддршка, да го води низ животот. Да си постојано покрај него. Ние не размислувавме дали ќе посвоиме деца, туку дозволивме тоа да ни се случи. Една вечер седевме во автомобилот и сфативме дека поднесовме документи за посвојување. Ако сакате да бидете родител, не избирајте средства, посвојте деца, направете ги среќни, а со тоа и себе. На ќерките им велам – јас ве родив од срцето“, рекол пејачот.

„Кај сите луѓе проблем и бариера е стравот – што кога децата ќе дознаат дека се посвоени. Моите ќерки знаат, им зборуваме за тоа од првиот ден. Им раскажував дека постои некое училиште за деца и дека кога дојдовме со Кристина, тие ни рекле: ‘Па, кај сте до сега?’ Мораш да најдеш начин да го направиш тоа посликовито, да им го пренесеш како низ бајка. Луѓето секогаш прават проблем од тоа, чекаат детето да наполни 18 години, а не треба да се чека“, додал тој.

Познатиот пејач за своите ќерки направи и детско шоу „Мила и Лола“, кое е многу популарно во Црна Гора.

 

Scroll to Top