Не мешајте политика со музика, рече Цеца за петицијата за Дино Мерлин да му се забрани да пее во Србија

Фолк пејачката Цеца Ражнатовиќ синоќа настапи во Будва во дискотеката Топ Хил. Пејачката се сретна и со новинарите, пред кои ги коментираше петициите за Дино Мерлин, кои беа покренати со цел да му се забрани на босанскиот пејач да настапува во Србија.

„Тоа е веќе политика. Нема врска со музика. Ај ќе го разберам протестот кога Мерлин првпат требаше да дојде во Белград. Тогаш човек може да рече дека има луѓе кои ве сакаат и кои не ве сакаат. Така е и за мене. Некои ме сакаат, некои не. Не можете да му угодите на целиот свет. Но, сега Мерлин доаѓа во Србија по трет пат и дали тој има речено нешто ново за да се дигне таква голема галама? Мислам дека петицијата беше глупост. Не треба луѓето да ја мешаат политика со музиката. Тие се апсолутно два различни света, два различни универзуми. Секој треба да го слуша она што го сака. Белград отсекогаш бил одличен домаќин, а сме имале многу полоши примери, кога требало да се направат некакви забрани, па никој никогаш не реагирал во Србија. Јас сум горда на мојата земја и на мојот народ кој не е злопамтило. Народот кој многу простува, брзо простува. Дали ова се предности или недостатоци, само времето ќе покаже“ рече Цеца и додаде:

„Апсолутно не сакам да ги вознемируваме некои духови од минатото кои апсолутно не ни се потребни. Сите земји од поранешната Југославија имаат преживеано речиси сè и ако Господ ни дозволи да тргнеме по нов пат, јас би била најсреќна. Не го велам ова затоа што сакам да си направам поволен терен за мене во Сараево или Загреб. Јас сакам да ја поканам мојата публика од цела поранешна Југославија во Ушче и никогаш во животот не сум имала проблем со тоа, ниту сум му ласкала на некого, ниту пак сум кажала лош збор за некого во мојот живот. Ниту на оние кои знаеја да бидат груби и безобрани со мене. Сум премолчела затоа сметам дека со молкот никој никогаш не направил нешто лошо. Второ, ова го кажувам како човек и мислам дека трошиме премногу енергија на негативни работи. Животот продолжува, а луѓето простуваат, се сакаат и уживаат во музиката и тоа е најважно“, рече Цеца.

За потсетување, петицијата против влезот на Мерлин во Србија имаше околу 60.000 потписи во моментот кога беше избришана од официјалната веб страница.

Scroll to Top