Во Хрватското народно казалиште во Сплит денеска се одржа комеморација во чест на Оливер Драгојевиќ, на која присуствуваа голем број членови на семејството, пријатели и државни функционери. Во преполната сала одѕвонуваше аплауз, но и песна.
Многу колеги на Оливер се простија од познатиот пејач со емотивни зборови.
– Зима е. Дува бура. Оливер и неговите синови, вкочанети, носат кеса со рибата што ја фатиле. Тоа е сликата што сакав да ја споделам со вас. Неговото семејство, морето, куќата. Каде е тука музиката? Сликата е полна со музика. Тоа е Оливер. За мене оваа вест беше како некој да ми удрил шлаканица. Тој го нарече својот брод барка. Секогаш скромен. За нас секогаш прв, а за себе секогаш последен. Сакам да му кажам на мојот капетан дека сè е како што треба – кажа Џибони, одвај додржувајќи ги солзите.
– Тоа е како да ти отиде некој од семејството. Имам премногу спомени со него. Не познавам човек на кој не му се допаѓаше. Стоеше зад сите нас. Кога тој стои покрај вас, тој веднаш ви дава достоинство и сите почнуваат да веруваат во вас – кажа Нина Бадриќ.
Жената на Оливер, Весна, беше целосно скршена од болка, а нејзините синови ја тешеа.
На крајот од комеморацијата, сите во салата станаа, и аплаузот не престана неколку минути. Сите ја запеаја песната „Вјеруј у љубав”, а меѓу првите кои почнаа да пеат беше Зорица Конџа.
Вечерва во 19:50 часот телото на Оливер ќе биде пренесено со катамаран до Корчула. Пејачот ќе биде погребан во Вела Лука утре во 18 часот.