Осудувана што го љуби Маршалот, преку борбата со ракот и двата пропадната брака: Тереза Кесовија има филмска животна приказна

Славната хрватска пејачка на медитерански рефрени и шансони има филмска животна приказна. Тереза Кесовија е родена на 3 октомври 1938 година во Конавле, село кое е во близина на Дубровник. Тука израснала со татко ѝ Антун, маќеата Јела и братот Перо.

Биле многу сиромашни. Мајка ѝ починала кога таа имала само еден месец, а татко ѝ се преженил со вдовица, која не можела да има деца, па затоа и сета своја љубов им ги пренела на Тереза и на нејзиниот брат.

Н  седум години станала член на хорот на Радио Дубровник и така ја засакала музиката. Завршила средно музичко училиште на отсекот флејта. Инструментот бил многу скап, па татко ѝ морал да продаде свиња за да може да и  ѝ го купи.

Во 1958 година победила на натпревар во Љубљана, на кој учествувале млади музичари од цела Југославија. Тереза, вели дека со часови вежбала на својата флејта, а била исплашена оти  првпат во својот живот треба да го напушти Дубровник.

Во Загреб запишала музичка академија каде свирела во симфонискиот оркестар на Радио Загреб.

Од кариера во Франција до евровизиски дебакл

Првиот поголем настап го имала во 1961 година во загрепското „Вариете“. Соработувала со Зденко Руњиќ, Арсен Дедиќ, Кемал Монтено. По четири години почнала да настапува во Франција, а една од првите песни што ги извела била „Ларина песна“ од филмот „Доктор Живаго“.

Тринаесет години подоцна одржала солистички концерт во париска „Олимпија“, кој е еден од најзначаните настани во нејзината кариера. Иако била многу популарна во Југославија, сепак се одлучила да ризикува и да замине во нова средина. Почетокот бил премногу тежок затоа што дошла сама, без синот и сопругот и не знаела француски јазик. Кога собрала малку пари, ја повикала тетка си и синот да ѝ се придружат.

Ја избрале да го претставува Монако на Евросонг, ама не освоила ниту еден поен и била на последното место. Тереза е добитничка на „Златна повелба на хуманизмот“ и настапувала на концертите организирани од УНИЦЕФ. Освен на хрватски, своите песни ги пеела на уште осум светски јазици. Запознала големи ѕвезди, како Чарли Чаплин и Ричард Бартон.

Пропаднати бракови и семејна драма

Кесовија зад себе има два развода. Првиот со пејачот Миро Унгар, кого го смета за добар човек, а другиот е со Роналд Лопатни, за кого кажува дека е осветољубив и дека му било драго кога останала на улица.

Тврди дека морала да глуми маж за нејзините сопрузи, но дека и од двата брака  заминала кога сфатила дека повеќе нема љубов.

Во 1963 година го родила Алан. Неговата сопруга Љиљана и ќерката Мила ги обожава. Никогаш не се мешала во животот на синот и снаата затоа што знаела како е бидејќи нејзе премногу ѝ се мешале во браковите, раскажала Кесовија.

Пејачката во 2010 година објави автобиографија во која ги опишува најтешките моменти од својот живот. Еден од нив е војната во која нејзината куќа била запалена. Се чувствувала протерана од Дубровник и сметала дека луѓето на нејзината љубов одговориле со омраза. Вториот е кога дознала дека брат ѝ загинал во сообраќајна несреќа. Тереза преживеа рак на бубрезите, како и неколку операции на гласните жици и на ушите.

Никогаш не ја поддржувала естетската хирургија и тврди дека никогаш не направила естетски зафат.

Иако зборувала дека веќе никогаш нема да настапи во Србија, сепак во 2011 година одржа концерт во „Сава центар“, а во 2013 во Домот на синдикатите.

Изјавила дека Белград секогаш ѝ предизвикува солзи и дека го посетила гробот на Тито. Никогаш не ја криела почитта што ја имала кон Маршалот поради што била осудувана.

Преживеала многу тешки моменти во својот живот, а музиката ѝ помогнала да продолжи понатаму. „Без музика не можам да си го замислам животот“, изјавила таа.

Scroll to Top