Овации за „Чувари на формулата“ на Драган Бјелогрлиќ на филмскиот фестивал во Локарно

На најголемиот европски отворен филмски фестивал во Локарно, Швајцарија, пред речиси 8.000 гледачи премиерно беше прикажан новиот филм на Драган Бјелогрлиќ „Чувари на формулата“.

На црвениот тепих прошета филмската екипа предводена од режисерот, како и француските актерски ѕвезди Алексис Маненти и Ана Сера. На премиерата присуствуваше и професорот Горан Милашиновиќ, автор на романот „Случајот Винча“, според кој сценаристот Вук Ршумовиќ ја адаптираше оваа филмска приказна. Филмот како дел од престижната програма „Пјака Гранде“ е и прв балкански филм кој беше прикажан во селекцијата на овој дел од фестивалската програма во Локарно.

Вчерашната премиера беше голем настан, не само за нас, авторите на филмот, туку и за српската кинематографија воопшто. За прв пат во најголемото кино на отворено пред 8.000 луѓе беше прикажан филм од нашите простори. Според реакциите на публиката, според тоа како го следеле и дишеле со филмот, мислам дека со многу оптимизам можеме да се надеваме дека оваа заборавена приказна од нашата, но и светска историја, ќе си го најде патот до публиката околу светот, и јас сум многу среќен поради тоа,  изјави Драган Бјелогрлиќ по вчерашната светска премиера.

По повод светската премиера во Локарно, Филмскиот центар на Србија организираше коктел на филмскиот плоштад за посетителите на овој фестивал, со цел да се запознаат со локалната кинематографија.  По премиерата во Локарно, „Чувари на формулата“ ќе биде прикажан на 15 август како дел од главната програма на 29. Сараевски филмски фестивал, а од средината на ноември во кината во Србија и во целиот регион.

Scroll to Top