Фронтменот на групата „Рибља Чорба“, Бора Ѓорѓевиќ наскоро ќе има плоштад што ќе го носи неговото име во големиот градски парк во Чачак. Локацијата, инаку, е во населбата Винара, каде што е роден и живеел.
Според градоначалникот на Чачак, Милун Тодоровиќ, во центарот на градот, во голем парк, каде Бора и другарите почнале да свират, плоштадот ќе го носи неговото име.
„Има и мини сцена, каде што во текот на летото ќе можат да свират млади, се уште не етаблирани бендови од Чачак. Нашиот пријател Бора Ѓорѓевиќ го прослави својот роден град ширум светот. Оваа одлука нема да ги чини граѓаните ништо, бидејќи нема промена на податоците во личните документи, во вид на промена на адресата. Сите бевме особено трогнати од реченицата на Бора на неговиот неодамнешен концерт дека засекогаш ќе се враќа во Чачак, на падините на Јелица“, изјавил Тодоровиќ.
За тоа, како што истакнал, зборува и текстот на неговата нова песна каде вели дека неговото тело треба да се врати во Србија, во Чачак, а неговото срце да остане во Словенија.
„Затоа плоштадот во паркот ќе го носи неговото име, за идните генерации да знаат дека толку голем музичар ја започнал својата кариера токму на тоа место“, изјавил градоначалникот наЧачак.
Оваа идеја и самиот Бора ја коментирал со насмевка, на неодамнешниот концерт во Чачак:
„Тоа признание обично го даваат постхумно, а постхумно не ми значи многу, бидејќи нема да знам. Би сакал да доживеам такво нешто во Чачак. Додуша, имам нешто слично во белградската зоолошка градина, таму има патека наречена „Борино сокаче“ благодарение на Вук Бојовиќ“, изјавил Ѓорѓевиќ.
Инаку, Бора Ѓорѓевиќ пред неколку дена одржа концерт за паметење во Чачак. Се присетил и на своето детство, но и на покојниот пријател Миша Алексиќ, кој за жал починал од корона. Тој во негова чест ја отпеал песната „Две гитари“.