По 40 години, Кичо Слабинац ја сретна својата „прекрасна црна жена“

По 40 години, пејачот Крунослав Кичо Слабинац се сретна со белграѓанката Мирјана Антоновиќ за која ја напишал песната „Заради една прекрасна црна жена“. Неговата прва љубов, како што ја нарекува, лани му испратила порака дека сака да се видат, ама тој тогаш не ѝ одговорил, пишува хрватскиот портал „24 сата“.

„Не сакав да ги уништувам спомените, ниту да ја повредам жената со која сум во врска последниве 20 години“, рекол 74-годишниот пејач. Ама кога годинава добил порака да се најдат на сладолед, решил да ја прифати.

„Мирјана ми беше првата љубов, многу бев вљубен во неа. Заедно бевме 4-5 години, ама тоа беше врска на далечина. Таа живееше во Америка, таму и се запознавме кога бев на турнеја. Со часови разговаравме ноќе, кога телефонот беше поевтин, а одев во Њујорк кога ќе можев. По неколку години, таа ме остави. Рече дека ништо нема да биде од нашата врска. Јас не сакав да се селам во Америка, таа не сакаше да се врати тука“, раскажал Слабинац.

Открил и дека бил многу повреден кога го оставила.

„За среќа, направивме песна што ќе нè надживее и неа и мене“, рекол тој и додал дека е среќен што овој пат ја прифатил нејзината покана за средба.

„Глупаво е да не разговараме. Сакав да го задржам споменот на тоа што беше. Кога се сретнавме, се изненадив колку добро се држиме двајцата. Поразговаравме, се смеевме и се разделивме како пријатели. Премногу убави работи ни се случуваа додека бевме заедно за да се однесуваме како странци“, рекол Кичо.

 

Scroll to Top