По четири години Дино Мерлин со спектакуларен концерт во Хрватска

По четири години босанскиот пејач Дино Мерлин се врати во Хрватска каде направи спектакуларен концерт во арената Вараждин. Публиката од сите генерации повеќе од два часа уживаше и во еден глас ги пееше неговите безвременски хитови. Медиумите пренесоа дека немало подобра декемвриска атмосфера и загревање за крајот на годината. Концертот беше распродаден уште на почетокот со месеци однапред.

„Го живеам животот како да сонувам и вечерва сум исклучително среќен човек. Ја споделувам мојата љубов не само со семејството туку и со публиката. Толку добро се разбираме и тоа е најголемиот комплимент кој секој музичар може да го добие“, рече Мерлин пред публиката во преполната сала.

Ова е негов четврти настап во Вараждин. Како дел од последната турнеја „Хотел Национал“ дојде двапати, на Денот на вљубените во 2016 година и повторно во пресрет на Денот на жената во 2018 година.

„Ова беше ноќ во која уште еднаш триумфираа љубовта и заедништвото“, рече Мерлин, кој призна дека секој концерт го турка напред, му дава сила и енергија, како за создавање нови безвременски хитови, така и за дизајнирање и реализација на нови музичко-сценски спектакли.

Турнејата ја почна во октомври кога направи неколку концерти низ Хрватска. Двоен концерт имаше во Риека, па продолжи во Задар, а потоа ја исполни салата во Осиек. Во ноември одржа турнеја во Шведска, а имаше и концерт во Италија. На 10 декември ќе дојде во Австрија каде ќе одржи концерт во најголемата сала.

 

Scroll to Top