Познатиот српски театарски актер Радован Миљаниќ почина денеска на 69-годишна возраст по долга и тешка болест. Филмскиот, театарскиот и телевизискиот актер беше долгогодишен член на ансамблот на Народниот театар во Белград.
Роден на 24 февруари 1952 година во Панчево, а во текот на кариерата има одиграно голем број улоги на сцената на матичниот театар, меѓу кои и претставите „Голема драма“, „Тесла или адаптација на ангелите“.
Покрај театарот, има остварено голем број улоги на телевизија и на големото платно. Првата улога ја одигра во 1972 година во ТВ-филмот „Синови“. Играше во познати серии, како што се „Сивиот дом“ и „Подобар живот“, но и во филмови, како што се „Чавка“ или „Директен пренос“.
Минатата недела бил и на пробите и се подготвувал да глуми во претставата „Нечиста крв“.