Почина Беба Селимовиќ, кралицата на севдалинките

Пејачката Беба Селимовиќ, која важеше за една од најдобрите интерпретаторки на севдалинки, почина во Сараево во 82. година од животот.

„На најдобар начин го збогати и сочува нашето нематеријално богатство, а тоа е севдалинката. Како граѓанин велам дека нејзиното заминување е голема загуба на нашата културна сцена“, изјавил за агенцијата Фена, сопругот Џевад Шабанагиќ, виолинист на Сараевската филхармонија.

Беба Селимовиќ е родена на 27 март 1939 година во Требиње. Ја започнала својата пејачка кариера во Радио Сараево и брзо станала многу популарна. Многумина ја нарекуваа и „дама на севдахот“ заради нејзиниот сериозен и чесен став кон професијата, како и за нејзиното сериозно однесување на естрадата.

Во текот на кариерата за тогашната дискографска куќа „Југотен“ сними четири студиски и три компилациски албума, а последниот од нив беше 1988 година. Со настапите престана во 2005 година, а ја следеше репутација на повлечена личност за која никогаш не се врзувале скандали.

Scroll to Top