Пејачот Џеј Рамадановски почина попладнево на 56 години. Според српските медиуми, на Џеј престанало да му работи срцето околу 14:30 часот, а лекарите го реанимирале, но не успеале да го спасат.
Неговиот најдобар пријател, Зоран Јагодиќ Руле, за Телеграф.рс кажал дека пејачот починал во сон.
Пред три години популарниот пејач имаше операција на срцето во Виена, по што изјавуваше дека лекарите му забраниле да пие. Неодамна тој изјави дека заради короната е во строг карантин и не се гледа со никого, бидејќи се плаши дека ако се зарази со ковид-19, може да умре.
Џеј е роден во големо чевларско семејство на Мазлам и Барија Рамадановски како единствено машко дете. Семејството Рамадановски потекнува од Ресен во Македонија.
Првите години од својот живот ги минал на Дорќол во Белград, каде што живееше и последниве години. По разводот на неговите родители, кратко време живееше со неговата баба по мајка, а потоа, поради неговата склоност кон малолетничка деликвенција, до полнолетството е сместен во домовите за воспитување деца и млади.
Во тоа време аматерски се занимавал со музика. Кога ја запознал Марина Туцаковиќ, Рамадановски го направи првиот сериозен чекор во музиката. Со песната „Зар ја да ти бришем сузе“, тој учествуваше на фестивалот МЕСАМ во 1987 година и го освои второто место.
Во текот на 90-те години, беше популарен низ цела поранешна Југославија, особено во Србија, Македонија, Хрватска и Босна и Херцеговина. Додека беше на врвот на својата популарност, имаше турнеи и во странство, во Германија, Шведска, Канада, САД…
Џеј се појави и во филмот „Ајде да се сакаме 2“ од 1989 година. На Гранд фестивалот во 2008 година го освои второто место со песната „Имати па немати“. Има издадено 15 албуми, а меѓу неговите најпопуларни песни се „Недеља“, „Сунце љубави“, „Мрак мрак“, „Ко се с нама дружи“ и други.