Почина славниот грчки музичар и композитор Вангелис

Легендарниот грчки композитор и музичар Евангелос Одисеас Папатанасиу, познат како Вангелис почина на 79-годишна возраст. Тој починал во болница во Франција, каде што се лекувал, пренесоа медиумите.

Од канцеларијата на неговиот адвокат, објавија дека тој починал во вторникот доцна вечерта, но не е  наведена причината за смртта, пренесе „Ројтерс“.

Вангелис, е роден во Волос на 29 март 1943 година и е еден од најпознатите и најзначајни грчки композитори на сите времиња. Тој доби Оскар за неговата музика за филмот „Огнени коли“ од 1981 година, а неговото дело стана светски познато и стигна до врвот на американските топ листи, како и неговиот придружен саундтрак албум.

Има компонирано препознатливи филмски мелодии за многу познати остварувања, како „Блејд Ранер“ и „Александар“.

Филмската музика на Вангелис во 80-тите ги достигна своите комерцијални височини. „Огнени коли“ стана неразделен дел од безвременската тема на Вангелис, а музиката стана синоним за забавени спортски монтажи.

Scroll to Top