Почна судењето на Драган Бјелогрлиќ: Не сум виновен, вели глумецот

Во Белград почна судењето на српскиот глумец Драган Бјелогрлиќ за физички напад врз режисерот Предраг Антонијевиќ, кој се случи лани во август. На првото рочиште во Првиот основен суд, Бјелогрлиќ рече дека не е виновен, а неговата одбрана на следното рочиште треба да ги изнесе аргументите за ваквото тврдење.

Адвокатите на глумецот за српските медиуми изјавија дека нивниот клиент не го сторил кривичното дело за кое е обвинет и дека тоа ќе се докаже. Тие ја оспоруваат основаноста на обвиненијата и тврдат дека нема сериозно нарушување на јавниот ред и мир, а во доказниот материјал ги понудија и снимките од сите камери на хотелот „Амбасадор“ каде што се случи инцидентот.

Одбраната на Бјелогрлиќ нагласи дека актерот по инцидентот во хотелот дал изјава во полиција, а потоа бил пуштен. Велат, следниот ден таблоидите почнале да пишуваат дека Бјелогрлиќ го нападнал Антонијевиќ од зад грб, но дека тоа не е точно.

Адвокатот на режисерот Антонијевиќ рече дека смета оти насловните страници на таблоидите не се доказ и дека немаат никаква врска со предметот на обвинението.

За потсетување, Бјелогрлиќ по инцидентот изјави дека физички го нападнал режисерот на филмот „Дара од Јасеновац“ бидејќи Антонијевиќ го провоцирал. Антонијевиќ, пак, изјавуваше дека Бјелогрлиќ го нападнал затоа што тој претходно го обвинил за корупција, но му пречел и филмот „Дара од Јасеновац“, за кој сметал дека воопшто не требал да се сними.

„Ме нападна дивјачки. Тоа беше напад на дрогиран и пијан човек. Ме тепаше затоа што мислеше дека ‘Дара од Јасеновац’ не треба да се снима и дека ја открив неговата корупциска афера. Бјелогрлиќ ми пријде одзади. Не го видов него додека тој седеше со Катарина Радивојевиќ. Има снимки од камерата, немам што да кријам“, изјави тогаш Антонијевиќ за српски „Новости“.

Scroll to Top