Плажата Посиди се наоѓа на западниот брег на првиот прст на Халкидики – Касандра, отприлика на половина пат низ полуостровот. Се протега како ’рт што длабоко навлегува во морето и изгледа навистина магично на фотографии и снимки.
Но, зад таа убавина се крие и опасност. Посиди важи за една од најопасните плажи во Грција поради силните морски струи кои можат лесно да одвлечат пливачите, особено оние кои се неискусни или недоволно внимателни. Плажата е долга меѓу еден и два километри, и е дива – без кафулиња, лежалки и чадори, што ја прави уште поизолирана и потенцијално ризична.
Јавноста добро го памети трагичниот настан од пред три години, кога три млади момчиња од Македонија се капеа на оваа плажа и ги одвлекоа силните струи. Настанот се случил за време на забава на плажа, кога тројцата решиле да влезат во морето. Силниот ветер и морските струи ги повлекле. Едното момче било брзо пронајдено, второто – по дури 19 часа поминати во морето – било спасено благодарение на топка која ја носел ветрот, за која се држел сè до доаѓањето на спасувачите. Третото момче, за жал, никогаш не беше пронајдено, и покрај интензивната потрага.
Според грчкиот весник „Етнос“, освен Посиди, за особено опасни плажи во Грција важат и:
Лаларија (остров Скијатос),
Матала (остров Крит),
Нас (остров Икарија),
Хорефто (регион Пелион),
Платиа Амос (остров Кефалонија),
Калами (остров Китира).
На овие локации потребна е особена претпазливост, дури и кога морето изгледа мирно. Природата е убава, но мора да се почитува.