Прекинато судењето за Мика Алексиќ поради дојава за бомба

Судењето на Мика Алексиќ е прекинато денес поради дојава за бомба во Високиот суд во Белград. На професорот по глума му се суди за силување и полово вознемирување студентки во неговото училиште. Тој денес требаше да продолжи со изнесување на неговата одбрана.

Со адвокатот и сопругата тој во зградата на Палатата на правдата пристигна околу 10.30 часот. Пред вратата го пречекаа активисти со транспаренти, на кои пишуваше: „Правда за жртвите и казна за сторителот“, и „Ѝ веруваме на Милена Радуловиќ“.

Тој во судницата дојде како слободен човек откога на 10 март му беше укинат домашниот притвор, во кој беше од 10 септември минатата година. Алексиќ е обвинет за четири кривични дела силување, од кои две во продолжено траење и пет кривични дела за полово вознемирување.

Првото за сексуално малтретирање  е обвинение што го поведе глумицата Радуловиќ. Набргу по нејзиното обвинение, се јавија уште неколку девојки, меѓу кои и Ива Илинчиќ. За потсетување, Алексиќ беше уапсен на 16 јануари минатата година и до 10 септември беше во притвор.

Подоцна му беше заменет со домашен притвор со електронски надѕор по што на 10 март му беше укинат и тој.

 

 

Scroll to Top