Рамбо Амадеус: Подобро е на гости, не морам да мијам садови

Во организација на концертната агенција и продукција „3 гонга“, вечерва со почеток во 22 часот во ноќниот клуб „Станица 26“ ќе настапи Рамбо Амадеус со својот секстет: Саша Ранковиќ на тапани, Мирослав Товирац на бас, Војно Диздар на клавијатури, Александар Петковиќ на саксофон и Милош Николиќ на труба, обединети под името Rambo Amadeus & Five Winnetous.

Пушиќ, алијас Рамбо Амадеус, вели дека во Скопје се чувствува како дома и секогаш доаѓа со големо задоволство или во негов стил: „Се чувствувам како дома, но повеќе би сакал да бидам гостин за да не морам да мијам садови“. На прес-коференцијата најави одлична свирка со својот секстет, музичари со кои многу се препознава и може да ја создава својата специфична музичка импровизација. Во интервју за „Макфакс“ вели:

„Пишувам песни за теми што тешко може да се преведат во стихови. Музиката е последица на состојбите и развојот на еден општествен систем или дијагноза на сликата на еден систем. Во капитализмот профитот е причина за сè, па и за музика. Затоа моите настапи, како и овој во Скопје, се концерт за работниот народ, напредната младина и чесната интелигенција“.

Scroll to Top