Српскиот рапер Стефан Ѓуриќ – Раста ќе поднесе тужба против Србија бидејќи е во притвор 83 дена поради наводна продажба на наркотици. Тој смета дека е незаконски притворен и дека го држат предолго, пишуваат српските медиуми. Оваа информација ја потврди и адвокатот на Раста, Урош Милосављевиќ.
„Ако на крајот испадне дека Стефан не е виновен, тој има право да бара отштета од државата за материјалната и нематеријалната штета што му е нанесена. Мојот клиент има право на тужба и надомест на штета, што ќе биде платено од државниот буџет. Ако биде осуден, тој нема да има право на надомест на штета, па сето тоа ќе зависи од казната што ќе му биде изречена“, рекол адвокатот.
Тој е убеден дека раперот е во притвор толку долго само затоа што е јавна личност.
„Стефан е незаконски во притвор. Нему не му е местото таму. Обвинителството тврди дека тој продавал дрога, а ние велиме дека станува збор за мала количина што ја користел за свои цели. Не постои доказ дека продавал дрога, а тие поради тоа го чуваат во притвор. Седи во ќелија само затоа што е јавна личност и се испрати порака до луѓето дека нема привилигирани лица“, додал адвокатот.
Според него, Раста и неговата поранешна сопруга Ана Николиќ се договориле на нивната ќерка Тара да не ѝ кажуваат дека тој е во притвор, туку дека е на турнеја во странство. Адвокатот тврди и дека целиот процес за судењето на Раста е ставен во втор план поради короната, односно судовите работат многу помалку последниве месеци.
„Ништо не е сторено два месеца. Еве, чекаме да зпочнат работите, но јас одговорно тврдам дека пандемијата го забави процесот. Стефан останува во Централниот затвор до крајот на годината. а потоа апелацискиот суд ќе одлучи дали ќе го задржи во притвор“, вели адвокатот.