Познатата српска актерка и стенд ап комичарка Сандра Силаџев, која стана позната со своите комични објави на социјалните мрежи, на 8 март ќе гостува во кино Фросина, Скопје. За Денот на жената и женските права, таа ќе ја забавува публиката со својата авторска монодрама „Дејт“.
Во монодрамата се среќавама се средновечната дама и самохрана мајка Оливера Живковиќ која заминува на закажан љубовен состанок. Но нејзиниот партнер не се појавува, а таа и понатаму останува да го чека.
Силаџев објави дел од прашањата со кои ќе се соочи Оливера додека го чека него, како на пример дали ќе ги дознае резултатите од своите здравствени наоди или, пак, ќе го открие значењето на бракот и заклетвата за вечна љубов. Ќе се потруди да даде одговор за тоа како го третира мајчинството и како ја толкува положбата на жената во денешното општество и дали светот е безбедно место за тинејџерките.
„Оливера се чувствува како дама, доселеничка, баба девојка и разведена, дури и вдовица, иако никој не умрел. Тоа го сервираат категоризациите и чудните односи меѓу љубовниците во 21 век. Таа верува дека не бара многу од животот, само она што секој возрасен поединец го сака за себе – да ја најде својата сродна душа. Има ли таков за Оливера во „целиот овој свет“? Или барем на Интернет?“, стои во најавата на Силаџев.
Таа напоменува дека монодрамата не е за малолетни лица, а дека вулгарноста и вулгарната реторика ќе бидат искористени како инструмент за прикажување на двојните стандарди кои се наметнуваат првенствено врз жените.