Откако денеска беше уапсен на граничниот премин Бајаково додека минуваше од Србија во Хрватска, а потоа беше спроведен во Општинскиот суд за прекршоци во Сплит, се огласи на социјалните мрежи српскиот актер, Сергеј Трифуновиќ.
Првин објави фотографија со пријател и го цитираше Питер О’Тул.
„О, колку ми недостигаат тие денови кога излегувате на пијачка во Лондон навечер и се будите во Мароко“, напиша тој.
Потоа ја спомна пејачката Северина. „Можете ли да ме разамените за Северина?“, напиша на сликата што ја објави, а во описот додаде: „Барам пријател“.
Северина на крајот на август беше приведена од српската полиција на разговор додека ја минуваше границата.
Полицијата го приведе Трифуновиќ во Општинскиот суд за прекршоци во Сплит, каде се одржа рочиште и му беше одземен пасошот како мерка на претпазливост, пишува Слободна Далмација.
Судењето на српскиот актер продолжува утре во 12:30 часот кај судијката Жељка Матков. Трифуновиќ денеска пред судот изјави дека не се чувствува виновен за она за што е обвинет.
Тој се товари по член 5 и член 17 од Законот за прекршоци против јавниот ред и мир. Во член 17 од Законот за прекршоци против јавниот ред и мир се вели: „Тој што омаловажува или навредува државни органи, односно службени лица при или во врска со извршувањето на нивните законски наредби, ќе се казни со парична казна од 700 до 4000 евра или затворска казна до 30 дена“, пишува хрватски „Индекс“.
Полицијата денеска од судот побара 30-дневна затворска казна и 1000 евра парична казна за актерот.
Неговата сопруга Исидора Мијановиќ тврди дека Сергеј бил физички малтретиран.
„Синоќа околу полноќ мојот сопруг беше приведен на граничниот премин Бајаково, откако истече забраната за влез на територијата на ЕУ, без никакво објаснување, со големи непријатности на кои бев сведок, вклучително и физички напад од страна на гранични полицајци. Го однесоа во непознат правец и повеќе од 9 часа немам никакви информации за тоа каде се наоѓа, ниту причината за неговото апсење“, напишала неговата сопруга Исидора на Инстаграм.