Виртуозите на виолончело Стјепан Хаусер и Лука Шулиќ, познати како „Ту челос“, нема да свират заедно откако ќе ја завршат турнејата вo Америка и Австралија што ќе трае до април следната година, пренесува „24 сата“. Во интервју за РТЛ Ексклузив, Стјепан открил дека дуото ќе се распадне.
Имаме повеќе од 200 летови годишно. Животот каков што го живееме последите осум години е ненормален. Навистина претеравме. Едноставно мора да се тргнеме од сè. Сакаме да се посветиме на некои други работи, да се тргнеме од сè, да ги наредиме коцките во главата. А кога ќе си дојдеме на себе, ако некогаш се случи тоа, може да продолжиме“, рекол Стјепан.
Тој открил дека сака да изгради соло кариера, иако смета дека заминувањето од „Ту челос“ е луда идеја.
„Веќе осум години свириме како ‘Ту челос’ и напуштањето на групата е луд потег. Среќа е што јас се одлучив да ризикувам и да излезам од мојата зона на комфорот. Горд сум на себе што се однесува на тоа“, додал тој.
Според хрватските медиуми, Лука засега планира да се одмори и да се посвети на сопругата Тамара и синот Вал.
„Ту челос“ неодамна одржа фантастичен концерт во Скопје. Тоа беше нивно трето гостување во Македонија, откако пред неколку години имаа концерти во Скопје и во Охрид.