Поп-пејачката Наташа Беквалац вчера во судот во Белград даде исказ по кривичната пријава за семејно насилство што ја поднесе против својот сопруг Лука Лазукиќ.
Нејзиното сослушување траеше три и пол часа, а во текот на давањето искази не сакаше ни да го погледне Лазукиќ, пренесува српски „Ало“. „Наташа одговараше на прашањата на адвокатот на Лазукиќ, кој инсистираше да го опише случувањето во нивниот стан, на што таа наводно рекла ‘Ме удираше по главата, рацете, ме шутираше на ранетото место каде што имав царски рез и ме влечеше по подот’“, пишува српскиот магазин „Ало!“
На ова реагирал Лука, велејќи: „Сè е лага. Јас сум жртва. Таа ме удираше мене и треба нејзе да ѝ се суди“, бесно изјавувајќи му на судијата, додека адвокатите се обидувале да го смират. Пејачката не наседнала на неговите провокации и обвинувања, туку гледала на друга страна, пишува магазинот.
На Наташа ѝ беше поставено прашање дали и порано имала напади на љубомора и зошто ги читала неговите пораки, на што таа одговори:
„Имав право како негова сопруга да видам кој му пишува во пет и пол наутро, судејќи по тоа што легнуваше во алкохолизирана состојба, а пораки пристигнуваа постојано“, изјавила пејачката.
По соочувањето со судијата, прв излегол Лука во придружба со своите адвокати. Новинарите ги прашуваа за коментар, по што еден од неговите адвокати изјавил иронично: „Сега ќе ви излезе Наташа, па прашајте ја неа“. Од друга страна, адвокатите на пејачката изјавија дека се задоволни од постигнатиот резултат.
„Задоволни сме од судењето. Наташа даде свој исказ, а следното рочиште е закажано за 1 ноември и тоа е сè што имаме да кажеме“, изјавија адвокатите на Беквалац.