Поранешниот фудбалер на „Црвена ѕвезда“ и репрезентацијата на Југославија, Синиша Михајловиќ, е тешко болен, пренесуваат италијанските медиуми. Според нив, тој денес ќе одржи прес конференција на која ќе открие детали за болеста.
Легендарниот фудбалер, според пишувањата, треба веднаш да почне со лекување и дека најверојатно ќе стави крај на тренерската кариерата. Според италијанските медиуми, болеста на Михајловиќ му била откриена по рутински медицински преглед.
Синиша Михајловиќ работи како тренер од 2006 година. Тој сезонава ја предводеше екипата на „Болоња“ и успеа да ги спаси „црвено-сините“ од испаѓање, а на крајот завршија десетти во Серија „А“. Неодамна тој го продолжи договорот со клубот до 2022 година.
Во тренерската кариера во Италија ги има предводено екипите и на „Катанија“, „Фиорентина“, „Сампдорија“, „Милан“ и „Торино“.