Синот на Лепа Брена ќе снима филм за своето киднапирање

Стефан Живоиновиќ (25) набргу ќе ги екранизира своите 25 години од животот во филмот сличен како на мајка му Лепа Брена, која неодамна го промовира документарецот „Лепа Брена – година на Слаткиот грев“.

Она што го привлече најголемото внимание во овој автобиографски филм е периодот од 2000 година кога Стефан на осумгодишна возраст беше киднапиран.

„Поради тоа што одлучив да се занимавам со јавна работа, сакам на народот да му покажам кој, всушност, сум јас. На почетокот мајка ми и татко ми се противеа на снимањето на тој филм затоа што им отвора стари рано, но ги убедив. Има доста за киднаперите, кои ниту јас ниту моите родители никогаш не ги проговоривме јавно. Ќе раскажеме апсолутно сѐ. Каде и како тоа се случило“, вели Стефан.

„Никогаш не сум сакал, ниту сакам некој да ме сожалува за оваа случка затоа што на луѓето им се случуваат многу полоши работи од мене. Јас одлично поминав, со оглед на тоа што сѐ можеше да ми се случи. Благодарен сум му на бога. Иако имав само осум години, тоа ќе остане запаметено цел живот. Тоа со зборови не може да се опише. Затоа ќе направиме реконструкција на киднапирањето, ќе ангажираме некои актери“, објаснува Живоиновиќ.

Како што вели, долго страдал поради последиците од киднапирањето, имал трауми, но сфатил дека не сака животот да му оди во тој правец.

„Се случувало да се исплашам кога ќе останам сам или кога ќе отидам некаде, но го надминав тоа уште како дете. Сѐ пресеков и сфатив дека нема да си дозволам себе да се тресам и трауматизирам. Тоа не е живот и јас така не сакав да живеам. Моето мото е: Одиме понатаму! Токму тоа сакам да го објаснам во филмот. Покрај тоа, моите родители не сакаа од мене да направат дебил и да ме држат под стаклено ѕвоно. Сакав слобода, малку по малку и се привикнав. Добив втора шанса за живот и сега ми е добро. Некои рани се неизлечиви, но одам напред!“, вели Стефан.

Да се потсетиме, Стефан Живоиновиќ беше киднапиран во 2000 година, 50 метри од семејната куќа. Таа вечер тој со татко му Боба, Саша Поповиќ и Харис Ѓиновиќ бил во „Гранд“.

Околу 19 часот Стефан тргнал сам кон дома и токму во тој момент киднаперите го ставиле во автомобилот и го однеле во непознат правец. Киднаперите од Брена и Боба барале 2,5 милиона марки и изјавиле дека доколку ги исполнат нивните услови, Стефан ќе биде вратен во недела.

Киднаперите на Боба Живоиновиќ наводно му испратиле пакет во кој се наоѓала картичка со бројот од мобилниот телефон, преку кој тие контактирале со нив. Ги почитувале сите барања на киднаперите. Неколку дена немале никакви информации за Стефан, а голем број пријатели им дошле на помош нудејќи им пари за откупот на Стефан. Во вторникот вечерта Стефан жив и здрав бил вратен кај родителите.

„Најтешката и најболна работа што ми се има случено во животот е киднапирањето на мојот син Стефан, киднапирање што никогаш не беше расчистено до крај. Не верував дека во една земја, која најмногу ја сакам, во која пеев и каде ја доживеав најголемата слава, ќе ми се случи вакво нешто. Не заслужив да бидам толку грубо казнета“, изјави во еден момент Брена.

Киднаперите до ден-денешен не се пронајдени.

 

 

 

 

 

Scroll to Top