Скромното момче од Корчула стана најголема музичка ѕвезда во Хрватска

Еден од омилените хрватски музичари, Оливер Драгојевиќ, почина утрово во Сплит. Скромен, човек со големо срце, секогаш насмеан и позитивен, велат за него пријателите. Популарниот Далматинец со децении пленеше со својата ведрина и непосредноста. Неговите песни се меѓу омилените на многу генерации. Веста за смртта на Оливер многумина ја дочекаа со неверување. Неговата публика на социјалните мрежи споделува песни од Драгојевиќ и пораки со кои се простуваат од него за последен пат.

Кој е Оливер Драгојевиќ?  

Оливер Драгојевиќ е роден на 7 декември 1947 година во Велика Лука на Корчула. Имал три сестри кои починале пред да се роди брат му Аљоша 1949 година. Кога наполнил пет години татко му Марко му подарил усна хармоника од која популарниот музичар никогаш не се одвојувал. Подоцна научил да свири клавир, кларинет и бас гитара. Во Сплит завршил средно музичко училиште.

Првиот настап го имал на сплитскиот детски фестивал 1961 година со песната „Балони“. Неколку години подоцна ѝ се придружил на групата „Батали“. Со брат му, пак, снимал познати светски хитови за „Радио Сплит“.

„Се школував во Сплит, ама за распуст одев во Велика Лука. Преку зима одевме таму да береме маслинки. Седевме покрај шпоретот на дрва да се згрееме, оти собата секогаш беше студена. Беа тука мајка ми, татко ми, братот, роднини, тетки, секогаш полна куќа“, изјавил Оливер во едно интервју за хрватски „24 часа“.

Првпат настапил на фестивал 1967 година во Сплит. Иако не сакал, Зденко Руњиќ го убедил дека треба да пее. Песната „Пицаферај“ не влегла во финалето, а Оливер на тој настап се сеќава како на еден од најголемите неуспеси во животот. Сепак, таа песна остана како еден од неговите најголеми хитови.

Со Мишо Ковач

До 1972 година Оливер живеел во Германија. Свирел во интернационален бенд заедно со Германец, Холанѓанец и Турчин. Настапувале по клубови низ Европа, а отишле и до Мексико, каде што Оливер првпат пробал дрога.

„Тогаш пробав марихуана. Од љубопитност оти бев млад. Во Мексико пробав и кокаин. За нив е тоа нормално. Но, мојата желба за живот беше преголема“, се сетил Оливер во 2008 година кога собирал донации за лекување на зависниците од наркотици.

На Сплитски фестивал 1972 година

Во 1972 година победил на Сплитскиот фестивал со песната „Шта че ми Копакабана“. Една година подоцна ја освоил и публиката со песната „Галеб и ја“. Многупати рекол дека оваа песна му ја одбележала кариерата. По неа следуваа „Опрости ми папе“, „Стари морски вук“ и многу други. Соработката со Зденко Руњиќ траела до смртта на композиторот, заедно направиле преку 200 песни. Со нив соработувал и текстописецот Јакша Фиаменго, кој за Оливер ги напишал текстовите за „Надалина“, „Пива клапа испо волта“, „Ништа нова“ и многу други.

Со сопругата Весна

Оливер како „четврто дете“

Со медицинската сестра Весна се запознал 1973 година. Се венчале една година подоцна. Имаат три сина, постариот Дино и близнаците Дамир и Давор. До 1980 година петмината живееле во ист стан со родителите на Оливер, со брат му Аљоша, неговата жена и нивните деца. Но, во станот имало една соба за клавир. Во меѓувреме Весна ја оставила работата за да ги чува децата.

„Не ми беше тешко да чувам три деца зашто работев на детскиот оддел во болницата во Дубровник, па знаев како треба со нив. Оливер ми беше четврто дете, стануваше касно, сакаше јас да му одберам што да облече, бараше да му готвам, да ги платам сметките“, низ шега раскажувала сопругата на пејачот.

Оливер со синовите

За долг брак, според Оливер, важно е да се живее во стан со две купатила.

„Ако ја прашате Весна, ќе ви каже дека тајната на долгиот брак се двете купатила. Во суштина ние двајца немаме време за караници, зошто ретко сум дома заради работата и настапите. Кога се караме, се караме со молчење. Важни се меѓусебното разбирање, толеранцијата. И да знаеш каде си згрешил, па да не ја повториш грешката“, рекол Оливер во интервју 2012 година.

Богата музичка кариера

Во текот на својата кариера Оливер снимил 23 албуми, бројни компилации, освоил многу награди, од нив 30 Порин. Одржал концерти во најпознатите светски хали како „Ројал Алберт хол“ во Лондон, „Опера хаус“ во Сиднеј, „Олимпија“ во Париз и „Карнеги хол“ во Њујорк. Таму настапил 2008 година пред 2500 луѓе.

„Ете, и јас стигнав тука, а не надевав дека ќе успеам еден ден. Што би рекле кај нас во Далмација, види го малиот, дошол да пее. Ова е остварување на мојот детски сон“, рекол Оливер на почетокот на концертот.

Хрватската музичка легенда пред една година откри дека му е дијагностициран рак. Почина утрово во болница во Сплит на 71 година.

Scroll to Top