И Србија има Хери Вајншајн

Холивуд го потресуваат сексуални афери, а бројот на лицата вклучени во скандалите расте од ден на ден. Последен на листата е Ед Вествик, кој откако демантира дека ја силувал актерката Кристина Коен, беше обвинет и од втора актерка за такво дело.

Сепак, сексуалното насилство се случува и во соседната Србија. Актерката Даница Максимовиќ изјави дека и кај нив постојат случаи на сексуално вознемирување, а дека и таа самата била сведок на случката кога ја викнале на кастинг во приватен стан.

„Ме повикаа на кастинг во еден стан на потпокрив и побараа од мене и од уште една девојка да се соблечеме. Секако дека одбив“, рекла актерката.

Таа смета дека никого не го интересираат српските сексуални напаѓачи во филмската индустрија.

„Вакви злоупотреби често им се случуваат на моите колешки. Ми се случиле и мене. Ама кого го интересира тоа? Сите молчат, никој не зборува јавно“, додала таа.

Сличен став има и актерката Сека Саблиќ.

„Сум слушала дека во минатото некои режисери се однесувале гнасно кон жените што глумеле во нивните филмови. Ама тоа се рекла-кажала муабети, никој не сакаше да изнесува имиња во јавноста. Не е тајна дека многу улоги се добиени преку креветот“, рекла Саблиќ.

Scroll to Top