Стиховите од песната на Цеца ќе бидат исфрлени од учебникот за петто одделение

Задачата со стиховите на пејачката Светлана (Цеца) Ражнатовиќ, кои се најдоа во работната книга за петто одделение, ќе бидат исфрлени, изјавил српскиот министер за образование, Младен Шарчевиќ.

Министерот изјавил дека е срамота стиховите со турбофолк да се најдат во школски учебник.

Стиховите на пејачката на народна музика се најдоа во една од задачите во која се учат падежи.

„Оваа задача ќе биде исфрлена од работната книга, а тој што го направил ваквиот пропуст ќе биде казнет. Срамота е стиховите од типот на турбофолк да се најдат во школскиот учебник. За музиката што учениците ја слушаат надвор од училиштата нека се грижат родителите, а на часовите ќе се учат корисни и важни лекции.

Шарчевиќ наведува дека директорот на Заводот за унапредување на образованието и воспитувањето му рекол дека членовите на комисијата, кои се консултирале за изработка на учебникот, не ги препознале овие реченици.

„Тие тврдат дека не знаеле дека ова е песна на Цеца, но тој што ја направил оваа глупост ќе биде казнет. Живееме во општество во кое се потенцира ваквата музика, која искрено не ја сакам и не ја поддржувам. Во секој случај на ова во училиштето не му е место“, нагласува министерот.

Главната и одговорна уредничка во издавачката куќа на БИГЗ, Оливера Ѓикановиќ, вели дека е во прашање работна книга за српски јазик и дека не станува збор за грешка, туку за свесно избрани стихови.

„Авторот сметал дека е најдобро децата да учат од пример од секојдневниот живот, а никаде не е наведено името на пејачката“, вели таа.

Таа додава дека е малку лицемерно затоа што ако толку луѓе ја препознале, значи дека тоа се слуша.

„Популарната култура е блиска до децата и доколку исходот е да се научи вокатив, тогаш тука не гледам проблем. Ова е единствениот наш учебник што Заводот за унапредување на образованието и воспитувањето го одобрил без ниту една грешка и не е вратен на доработка. Тоа е потврда дека добро сме си ја завршиле работата“, смета Ѓикановиќ.

 

 

 

 

Scroll to Top