Иако ликот на доктор Алекса Хаџипоповиќ, кого го игра Петар Бенчина во филмот „Тома“, е измислен и романтизиран, тој заедно со главниот актер Милан Мариќ предизвика огромно внимание кај публиката.
Сепак, Тома Здравковиќ во животот имаше многубројни лекари што се бореа тој да живее што е можно подолго пркосејќи ѝ на болеста. Еден од нив е поранешниот началник на ММА клиниката за урологија, д -р Дејан Елаковиќ, кој сведочи каков бил навистина легендарниот пејач.
„На почетокот не знаев многу за Тома Здравковиќ. Тоа беше 1976/1977 година. Во тоа време тој дојде кај нас на преглед првпат, потоа замина во Канада со сопругата. По враќањето од Канада, повторно се појави, дури и тогаш се знаеше дека е исклучителен пејач, сите го сакаа и ценеа, со задоволство го слушаа. Сите на одделението имаа посебни емоции кон Тома, како пациентите така и персоналот и докторите. Тој беше омилена фигура кај нас, мислам дека, покрај медицинскиот третман, му помогнавме и да се чувствува удобно во болницата“, се потсети д-р Елаковиќ.
Тој продолжи да раскажува за тоа како пејачот со години се борел со туморот на мочниот меур и дека сите се обидувале да направат да се чувствува како да е во кафуле наместо во болница:
„Можеше да дојде во болница кога сака, да си замине кога сака, нему му одговараше нашиот однос кон него. Мислам дека сите чувствуваа голема емпатија кон Тома, поради неговите проблеми, сите се обидувавме да го направиме неговиот престој што е можно попријатен, се трудевме тоа да не е строг болнички режим, да не го оптоваруваме со приказни за болеста, која тој ја негира. Како што неодамна рече неговата сопруга Гордана, дури кога болеста напредна, сфати дека е болен и тогаш почна да се плаши од смртта. Беше посебен, одредуваше кога и како да му помогне. Го следев Тома повеќе од 10 години, никогаш не сме виделе ни слушнале забелешки од кој било пациент или персонал за неговото однесување“.
Во филмот „Тома“ постои една ситуација за која д -р Ераковиќ исто така раскажа.
„Отпрвин Тома не ѝ придаваше големо значење на болеста. Имавме впечаток дека ја доживеа како непријатност, што не го оптоваруваше многу, сепак тој го живееше својот живот посветен на музиката. Ова најдобро може да се илустрира со ситуацијата кога беше примен во болница поради крвавење, при што беше потребна хируршка интервенција, но пред тоа мораше да прими трансфузија на крв. Беше сабота и сè се заврши околу 12-13 часот, а потоа во попладневните часови тој исчезна. Бевме загрижени и изненадени, го известив неговиот главен хирург, кој го оперира неколкупати. Луѓе од страна ни рекоа дека можеби заминал во Шабац, а тоа уште повеќе нè вознемири, не ни беше јасно. Се плашевме дека може да се сруши на сцената, дека ќе се разболи. Но, утредента бевме пресреќни кога го затекнавме Тома рано наутро во креветот. Тој имаше врски, пријатели, кои организираа тој да замине од болницата за да одржи концерт во Шабац. Таков беше Тома“, вели д-р Елаковиќ.