Анастасија, ќерката на балканската ѕвезда Цеца Ражнатовиќ, вчера ја објави својата нова песна „Промашена“. Ова е нејзина прва балада, откако претходно сними три брзи песни во студиото на Дарко Димитров во Скопје. Таа вели дека новата песна е толку емотивна, што во неа ќе се пронајде секоја девојка што направила некаква љубовна грешка.
„Сите правиме грешки. Затоа оваа песна ми е многу емотивна и реална. Сметам дека повеќето девојки се чувствуваат ‘промашено’ кога ќе направат грешка во љубовта што за жал не може да се исправи“, рече Анастасија.
Пејачката раскажува дека откога се појавила на музичката сцена фановите од неа барале да сними балада.
„Сега конечно ја најдов вистинската песна во која може да се пронајдат повеќето девојки. Една вечер во Скопје, додека го снимав албумот, дојде Сара Милутиновиќ и го напиша текстот за еден ден. Едноставно, ја почувствува музиката. А јас влегов во студио и ја снимив од прва“, вели ќерката на Цеца.
Музиката и аранжманот се на Дарко Димитров. Со него Анастасија соработува од почетокот на нејзината музичка кариера. Тие во Скопје снимија поголем дел од албумот, но неговата промоција е одложена заради короната.