Лидерот на Либерално-демократска партија на Србија, Чедомир Јавановиќ, е приведен откако демолирал сендвичарница на Нов Белград, пренесуваат српските медиуми. Инцидентот се случил во 22 часот вечерта, а Јовановиќ наводно се скарал со вработените, па потоа фрлил столче и го скршил стаклото на сендвичарницата. Вработените повикале полиција, која го одвела Чедо во станица. Српските медиуми пишуваат дека тој го шутирал полициското возило и објавија видео како тој се кара со полицајците пред да го приведат.
По неколку часа, Јовановиќ е пуштен на слобода, а утрово дал изјава во која вели дека инцидентот намерно го испровоцирале навивачи на „Црвена ѕвезда“ кои го забележале во сендвичарницата, па почнале да го напаѓаат и навредуваат. Тој рекол и дека често му доаѓаат пред куќата за да го провоцираат.
„Да, фрлив столче во излогот, затоа што тие само тој јазик го разбираат. А, проблем излезе дека е ова стакло овде, не Бетон хала и нивното дивеење на натпревари. Е па, тоа со мене не може да помине. Нека не доаѓаат. Да не дојдеа, да не ме напаѓаа, немаше да се случи ништо“, рекол Јовановиќ.
Јовановиќ е поранешен соработник на убиениот српски премиер Зоран Ѓинѓиќ. Тој во последниот период повеќепати имаше слични проблеми во кои беше вклучена и полицијата.