Познатиот српски глумец Сергеј Трифуновиќ, беше нападнат денеска во центарот на Белград. Актерот, кој пред неколку години влезе во политиката и е лидер на Движењето на слободни граѓани, бил нападнат додека собирал потписи за претстојните избори.
Според српски медиуми, случаен минувач му пристапил на Трифуновиќ и, по кратка расправија, го удрил со бокс по главата. Полицијата го привела напаѓачот, маж на 67-годишна возраст. Кратко по ова уште еден маж го нападнал глумецот и тој најави дека ќе поднесе приватни тужби против двајцата напаѓачи.
„Тој праша кој го купи овој шатор, му велам Вучиќ. Но Ѓилас плати за озвучувањето. Тој ми вели „ма немој ти на мене да ми кажуваш“ и тогаш сфатив дека човекот е навистина сериозен. И му реков „поздравете ја вашата госпоѓа мајка“, тоа е сè што реков. Ме удри од зад по главата кога веќе се завртев. Скокам, моите ме држат… Тогаш ме нападна и друг човек на велосипед, истиот човек што доаѓа веќе три дена тука и навредува со најтешки зборови, е тој ми извади шрафцигер. Вели дека сме предавници, дека сме продадени платеници на Вучиќ, тие цртаат мети на нашето чело. Па нормално е потоа да има и вакви случаи“, рекол Сергеј за медиумите.
Според медиумите, напаѓачот на Трифуновиќ пред два месеца нападнал уште еден српски политичар, Сима Спасиќ, а полицијата има податоци и за тој напад.