(Видео) Холивудска актерка ги тужи продуцентите на филм сниман во Хрватска: „Бевме изложени на опасни услови“

Холивудската актерка Кејт Бекинсејл (51) ги тужи продуцентите на акциониот трилер „Канари Блек“ затоа што, како што тврди, ја изложиле на „опасни и небезбедни услови“ за време на снимањето на филмот во Загреб и Ровињ, и покрај сериозната повреда на коленото што ја здобила на снимањето.

Филмот премиерно беше прикажан во октомври 2024 година, а сè започнало во 2022 година, кога Бекинсејл добила скинат менискус на левото колено на средина од снимањето. По операцијата, докторот експресно ѝ забранил да прави какви било каскадерски движења – без трчање, скокање, клекнување или летање во појас. Продуцентите наводно го игнорирале сето ова.

Актерката сега ги тужи продуцентската куќа „Антон Ентертејнмент Медиа Сервисиз Инк.“ и продуцентот Џон Зоис за небрежност, емоционална злоупотреба и физички напад. Таа тврди дека тие ги игнорирале медицинските совети и ја принудиле да изведува опасни акциони сцени, што предизвикало нејзините повреди да се влошат, објавува People.

 

Во тужбата се наведува дека „продуцентите свесно и намерно ја занемариле безбедноста со цел да го зачуваат профитот“. Бекинсејл и нејзиниот тим постојано предупредувале на екстремни услови за работа, вклучувајќи работни денови долги и до 15 часа, без соодветна медицинска поддршка и навремени информации за сцените со каскадери.

Поголемиот дел од филмот е снимен во Хрватска

И додека правната битка се води во САД, интересно е што „Канари Блек“ во голема мера е сниман во Хрватска, во Загреб и Ровињ. Продукцијата траела од октомври 2022 до јануари 2023 година, а хрватската престолнина „се игра“ себеси во филмот, што е реткост во холивудските продукции.

Снимањето е на над 130 локации во Загреб, вклучувајќи го плоштадот Бан Јелачиќ, тунелот Грич, Цветниот плоштад и стадионот Максимир, додека Ровињ служел како позадина за Токио. Во проектот беа вклучени повеќе од 300 хрватски филмски професионалци, а локалната актерка Ромина Тонковиќ се појавува во една од позначајните улоги.

Scroll to Top